Старицата во шумата - Грим
име на оригиналот:Die Alte im Wald
Еднаш, низ една голема шума заедно со своите господари патуваше една сиромашна слугинка. Кога пристигнаa до средината на големата шума, од зад џбуновите се појавија разбојници кои убиваа кого ќе сретнеа. Тогаш умреа сите, освен девојката која скокна од страв од колата и се сокри зад едно дрво. Кога разбојниците избегаа заедно со нивниот плен, девојката излезе од каде што беше сокриена и ја виде големата несреќа. Тогаш таа заплака горко и рече: „Што ли ќе правам јас кутрата, не знам да се снајдам во оваа шума, жива душа не живее тука, ќе мора да умрам овде.“ Одеше наоколу, бараше некаков пат, но не можеше да најде. Кога се стемни, си седна под едно дрво, се препушти себе си на волјата господова и сакаше да остане да седи и да не оди никаде, па што сака нека се случи.
Но, како што си седеше така некое време, слета до неа едно мало гулапче кое во клунот имаше мало златно клуче. И` го стави клучето во раката и и` рече: „Го гледаш ли она големо дрво таму, во него има еден мал замок, него отвори го со ова мало клуче и ќе најдеш доволно храна и повеќе нема да гладуваш. Девојчето отиде до дрвото, го отклучи, и во еден мал сад најде млеко, а до него и бел леб за макање - за да може да се најаде до ситост. Кога добро се најаде, рече: „Сега е времето кога дома кај нас петлите си одат на спиење, јас сум толку уморна, камо да можев и јас да си легнам во мојот кревет.“ Во тој миг повторно до неа долета гулапчето носејќки едно друго златно клуче во клунот и рече: „Отвори го она дрво таму и таму ќе најдеш кревет.“ Девојката го отклучи дрвото и најде едно убаво, меко креветче; потоа му се помоли на Бога да ја чува во ноќта, па си легна и заспа. Утрото гулапчето дојде по третпат, повторно донесе едно мало клуче и рече: “Отвори го она дрво таму и таму ќе си најдеш алишта,“ и како што го отвори, најде алишта украсени со злато и благородни камења, така убави какви што нема ниедна царска ќерка. Така девојката живееше некое време, а гулапчето доаѓаше секој ден и се грижеше за се` што и` требаше, и тоа беше еден мирен и добар живот.
Но еден ден дојде гулапчето и рече: „Ќе сакаш ли да направиш нешто за мене?“
„Од се` срце, “ рече девојката. Тогаш гулапчето рече: „Ќе те одведам до една мала куќичка, ти влези внатре, а среде собата крај печката ќе седи една стара жена и ќе ти рече: „Добар ден“. Но биди сигурна да не и` одговориш ни збор, таа можеби ќе сака да започне разговор за тоа што го сака таа, а ти продолжи десно од неа, таму има една врата, неа отвори ја и ќе влезеш во една соба каде на масата има многу прстења од секаков вид. Меѓу нив има и скапоцени, со светликави камења, но тие остави ги и побарај еден скромен, кој исто така мора да биде меѓу нив и донеси ми го мене колку што можеш побрзо.
Девојката појде до куќичката и се приближи до вратата; таму седеше една старица која штом ја виде, ги ококори очите и рече: „Добар ден, драго дете.“ Девојката меѓутоа не и` одговори и се упати кон вратата. „Каде?“ извика таа и ја зграпчи за сукњата и сакаше да не ја пушта, „тоа е моја куќа, таму не смее да влезе никој ако јас не сакам.“ Но девојката молчеше, се ослободи од неа и влезе право во собата. Таму на масата имаше навистина премногу прстени кои и` блескаа и светкаа; ги расфрла и бараше еден скромен прстен, но не можеше да најде.
Како што бараше, ја виде старицата како крадешкум се обидуваше да побегне оттука држејќи во рацете златен кафез. Во тој миг таа се упати кон неа и и` го зеде кафезот од рацете, и како што го подигна и погледна внатре, виде внатре една птица која во клунот држеше еден едноставен прстен. Тогаш го зеде прстенот и пресреќна истрча надвор од куќата, мислејќи на тоа дека белото гулапче ќе дојде и ќе го земе прстенот. Но тоа не дојде. Така, се потпре до едно дрво и сакаше да го чека гулапчето, и како што си стоеше така, дрвото почна некако како да смекнува и да се свива и ги спушти неговите гранки долу. Одеднаш почнаа гранките да ја обвиваат, но тоа не беа гранки туку беа човечки раце, а кога се сврти и погледна, виде дека дрвото всушност беше еден убав маж кој ја беше прегрнал. Тој ја бакна и и` рече: “Ти ме спаси и ме ослободи од власта на старицата која е лоша вештерка. Таа ме претвори во дрво и само по неколку часа во денот станував бел гулаб. Се` додека прстенот беше кај неа, не можев повторно да го примам мојот човечки облик.“ А од волшепстовото се ослободија и неговите слуги и коњи, кои исто така беа претворени во дрвја и стоеја покрај него. Потоа сите заминаа во неговото царство, направија свадба и живееја среќно.
Други преводи може да се најдат на:
http://www.grimmstories.com/de/grimm_maerchen/die_alte_im_wald