Бајки -Грим
Grimms Märchen / Grimm's Fairytales

Девојчето и Богородица

(Име на оригиналот: Marienkind)

Пред една голема шума си живееше еден сечач на дрва заедно со неговата жена и нивното единствено дете: мало девојче од три години. Беа толку сиромашни што скоро немаа што да јадат и не знаеја како да го нахранат своето дете. Едно утро таткото, потонат во големи грижи, се упати во шумата на работа, и како што сечеше дрва, одеднаш пред него застана една голема жена. Жената имаше круна на главата, а на круната – голема сјајна ѕвезда. Таа му рече: „Јас сум Богородица, Марија, мајка на малото бебе со име Христос: ти си беден и сиромав, доведи ми го детето, ќе го земам со себе, ќе му бидам мајка и ќе се грижам за него.“ Сиромавиот човек ја послуша Богородица, го донесе детето и и` го даде на Богородица. Таа го зеде девојчето и замина заедно со него на небо.

 Таму му беше добро. Јадеше сладок леб, пиеше скатко млеко, а алиштата му беа целите од злато и ангелчињата си играа со него. Кога наполни 14 години Богородица Марија го викна кај себе и му рече: „Мило дете, ме очекува долг пат. Ти чувај ги клучевите од тринаесетте врати од Царството небесно: дванаесетте од нив смееш да ги отвориш и да се насладуваш од славата која е во нив, но тринаесеттата која ја отвора овој мал клуч, таа ти е забранета: пази се да не ја отвориш, затоа што ќе бидеш многу несреќна.“ Девојчето вети дека ќе биде послушно, а кога Богородица Марија излезе, почна да ги разгледува становите на Царството небесно: секој ден отвораше нова врата се` додека не ги отвори сите дванаесет. Во секоја од собите имаше по еден апостол опкружен од голем сјај и таа се и` радуваше на сета таа слава и раскош, а ангелчињата кои секогаш беа покрај неа се радуваа заедно со неа. Ете, остана неотворена уште забранетата врата. Девојчето, пак, го обзеде големо љупопитство и многу сакаше да знае што е сокриено зад таа врата, па им рече на ангелчињата: „Нема да ја отворам сосема, а и нема ни да влезам внатре, но само ќе ја отклучам и отворам колку да можеме да ѕирнеме низ тесниот отвор“. „Ах, не, “ рекоа ангелчињата, „тоа е грев: Богородица Марија забрани, а  тоа може да ти донесе и несреќа.“ Во тој момент малото девојче замолкна, но љубопитството во него не можеше да се замолкне,  туку постојано го боцкаше и подбоцнуваше и не му даваше мир. А кога еден ден сите англечиња беа излезени, девојчето си помисли: Сега сум сама и ќе можам да ѕирнам малку, никој нема да знае ако го направам тоа. Го најде клучот и  го зеде в рака, веднаш го стави во клучалката, и како што го стави внатре - и го сврти. Во тој момент вратата се отвори ширум. Внатре ја виде Света Троица во огнен пламен и светлина со златен сјај. Стоеше така некое време и гледаше со голема зачуденост. Тогаш го подаде своето прсте до големата златна светлина и... прстето се позлати. Девојчето се исплаши многу, брзо ја зтвори вратата и побегна. Стравот не можеше да се смири, колку и да се трудеше. Срцето и чукаше брзо и не можеше да се смири: а и златото исто така и остана на прстето и не се бришеше колку и да го миеше и триеше.

 Не помина многу време кога Богородица се врати од патувањето. Го повика девојчето кај себе и ги побара клучевите. Кога и ги подаваше клучевите, Богородица го погледна во очите и рече: „ Не ја отвори тринаесеттата врата, нели?“ „Не“, рече девојчето. Во тој момент, Марија ја стави нејзината рака на неговото срце и почувствува како тоа забрзано чука, и виде дека тоа не ја послушало и дека ги отворило сите врати. Тогаш таа рече повторно: „Навистина ли не го направи тоа?“ – „Не“, рече девојчето по вторпат. Марија го здогледа прстето кое беше позлатено од допирот на небесниот оган, овојпат таа добро знаеше дека тоа погрешило, и по третпат го праша: „ Го направи ли тоа?“ – „Не“, рече девојчето по третпат. Богородица Марија рече: “Не си ме послушала, а згора на тоа дури и ме излага, а бидејќи ме излага, повеќе не заслужуваш да бидеш овде, на небо.“

 Во тој миг девојчето потона во длабок сон и кога следниот пат се разбуди, тоа веќе лежеше на земја среде непозната дивина. Сакаше да вика гласно, но не можеше да пушти ни глас. Скокна, сакаше да истрча, но како што се обидуваше, густа ограда од грмушки и трње се испречуваа и му го попречуваа патот на малото девојче. Во така ограденото пусто место имаше едно старо шупливо дрво. Тоа и стана нејзин дом. Девојчето влезе во него кога се стемни и заспа внатре.  Дрвото ја штитеше секогаш кога врнеше и дуваше силен ветер, во него беше добро заштитена: но тоа беше еден беден живот, а кога ќе се присетеше колку убаво и беше на небо и како си играше со ангелчињата, заплакуваше горко. Се хранеше само со корења и шумски капини кои ги бараше до каде што ќе можеше да појде. Кога беше есен собираше попаднати ореви и листови и ги носеше во дрвото, на зимо се хранеше со оревите, а кога ќе паднеше снег и ќе се појавеше мраз, тогаш ќе се сокриеше како кутро мало животно во лисјата за да не замрзне. Не помина долго, а ете и алиштата кои ги носеше на себе остаруваа и се кинеа парче по парче. А кога сонцето повторно се појави, девојчето излезе и си седна пред дрвото, а косите ја покриваа од сите страни како да беше покриена со некаква наметка. Така си седеше година по година и можеше да почувствува колку е беден и мачен животот на оние кои живеат на земјата.

Еден ден, пак, кога дрвјата повторно беа во ново зелено руво, кралот на земјата јаваше низ шумата и гонеше една срна, а кога таа беше побегнала во гранките и тревите кои го опкружуваа шумното место, тој се симна од коњот, ги раздели грмушките и со мечот си направи место да мине. Откако мина, виде под дрвото како седи една прекрасна  девојка, таа седеше и беше покриена со златната коса до прстите од нозете. Тој стоеше молчејќи и со восхитеност гледаше во неа. Потоа и се обрати и и рече: „Која си ти? Зошто седиш среде оваа пустина?“. Таа, меѓутоа, не одговори ништо затоа што не можеше да ја отвори својата уста. Кралот повторно и рече: „Ќе сакаш ли да дојдеш со мене во мојот замок?“ Тогаш девојката климна нежно со главата. Кралот ја зеде в раце, ја однесе до неговиот коњ и одјава заедно со неа до кралскиот замок. И даде прекрасни алишта за облекување и и даваше се` во изобилство. И иако се` уште не можеше да зборува, сепак му беше убава и мила така што од срце ја засака, и не помина долго време, пасе ожени со неа.

 Откако помина една година кралицата родини син. Веднаш потоа, истата ноќ кога таа лежеше сама во постелата и се појави Богородица Марија и и рече:„ Ако ја кажеш вистината и ако признаеш дека ја отклучи забранетата врата, тогаш ќе ти ја отворам устата и ќе ти го повратам говорот: но ако останеш во гревот и ако тврдоглаво порекнуваш, тогаш ќе ти го земам новореденото дете.“ Во тој миг на кралицата и беше дозволено да зборува за даможе да одговори, но таа тврдоглаво рече: „Не, не ја отворив забранетата врата,“, а Богородица Марија и го зеде од рацете новороденото дете и исчезна заедно со него. Следното утро кога не можеа да го најдат детето, почна низ народот да се шири тоа дека кралицата јаде луѓе и дека си го убила сопственото дете. Таа слушаше се` и не можеше да каже ништо против тоа, а кралот не сакаше да верува, затоа што многу ја сакаше.

 По една година кралицата повторно роди син. Ноќта Марија повторно дојде кај неа и и` рече:„Ако признаеш дека ја отвори забранетата врата ќе ти го вратам синот и ќе ти го одврзам јазикот, но ако останеш во гревот и одречеш, тогаш ќе ти го земам и ова дете.“ Кралицата повторно рече:“Не, не ја отворив забранетата врата,“ а Богородица Марија го зеде и ова дете и замина заедно со него на небо. Утрото кога и ова дете исчезна, луѓето гласно говореа меѓу себе дека кралицата го проголтатала, а кралските советници побараа кралицата да биде осудена. Но, кралот толку многу ја сакаше, така што не можеше да верува во тоа, и им нареди на советниците за казни да не зборуваат повеќе за тоа.

 Следната година кралицата роди убава ќеркичка, а истата ноќ по третпат се појави Богородица Марија и и` рече: „Следи ме.“ Ја зеде за рака и ја одведе на небо и и` ги покажа двете постари деца кои и се насмевнаа и си играа со земјината топка. Кога таа се израдува за нив, Богородица Марија и` рече:„ Се уште ли не омекнало твоето срце? Ако признаеш дека ја отвори забранетата врата, ќе ти ги вратам двата сина.“ Но кралицата по третпат одговори: „Не, не ја отворив забранетата врата.“ Во тој миг Богородица Марија ја врати на земјата и и` го зеде и третото дете.

 Следното утро кога се разгласи веста за исчезнувањето и на третото дете, луѓето викаа гласно: “Кралицата јаде луѓе, таа мора да биде осудена, мора да биде запалена.“ Донесоа дрва и кога добро ја врзаа за еден столб, а огнот почна да гори околу кралицата, во тој миг се стопи цврстиот мраз на гордоста, а во срцето почна да се кае, и си помисли:„Ех, само да можев  пред мојата смрт да признаам дека ја отворив вратата“, и уште веднаш и се поврати гласот и гласно извика: „Да, Богородице, го направив тоа!“ Во истиот момент почна да врне дожд од небото и ги изгасна пламените на огнот, околу неа се појави светлина, а од небото слезе Богородица Марија: До неа стоеа двете нејзини синчиња, а во рацете ја држеше нејзината ќеркичка. Милно и се обрати и и` рече: „На оној кој се кае за своите гревови и ги признава, нему му се простуваат истите“ , и и` ги подаде децата, и и`го одврза јазикот и и` дари среќа за целиот живот.

 

***КРАЈ***

 

 

Преводи на други јазици може да се најдат на овој линк:
http://www.grimmstories.com/de/grimm_maerchen/marienkind  


Diese Webseite wurde kostenlos mit Homepage-Baukasten.de erstellt. Willst du auch eine eigene Webseite?
Gratis anmelden