Заедничкиот живот на мачката и глушецот
Име на оригиналот: Katze und Maus in Gesellschaft
Се запознале мачката и глушецот и кога мачката му изнакажала толку многу убави работи на глушецот за големото пријателство и љубов кои божем ги гаела кон него, глушецот најпосле се согласил да живее заедно со неа во една куќа и заедно да се грижат за домаќинството. „Но мора однапред да се погрижиме за во зимо, инаку ќе гладуваме,“ рекла мачката. „А ти, глувче, да не ни помислиш да шеташ ваму-таму, да не ми паднеш во некоја стапица.“ И така, добриот совет бил прифатен, а и си купиле едно канче со маст. Но не знаеле каде да го стават. Најпосле, по долго размислување, мачката рекла: „Не познавам друго место каде најдобро ќе биде сочувано освен во црквата; а и никој не се осмелува да земе нешто од таму. Ќе го ставиме под олтарот и нема да го допреме пред да ни биде навистина потребно. Така, канчето било ставено на безбедно место. Но не поминало долго, кога мачката почнала да чувствува силна потреба да касне од маста и му рекла на глушецот: „Што сакав да ти кажам, глувче, братучеда ми ме замоли да и` бидам кума. Роди синче, бело со кафеави шари, и ќе треба јас да го крштевам. Пушти ме денеска да излезам, а ти сам погрижи се околу куќата!“ „Да, да, “, одговорил глушецот, “само ти оди, оди во името на Бога! Ако јадеш нешто добро, помисли на мене! И јас би пивнал некоја капка од слаткото славеничко вино!“ Но, ништо од сето тоа не било вистина. Мачката немала братучеда и не била поканета да биде кума. Заминала право во црквата, се прокраднала до канчето со маст и ја излижала горната мрсната кора. Потоа си прошетала по покривите на градот, си се тегнела на сонце и секојпат кога ќе помислела на канчето со маст, си ја бришела брадата. Дома си дошла дури откако се стемнило. „А, ете, најпосле си дојде,“ рекол глушецот. „Добра беше забавата денеска, нели?“ „Не беше лошо,“ одговорила мачката. „А какво име доби малото?“ прашал глушецот. „Немакора“, одговорила сосема суво мачката. „Немакора!,“ извикал глушецот, “ама чудно име! Често ли го употребувате во вашето семејство?“ „Што ли ќе ме прашаш уште!“ рекла мачката. „Не е полошо од Трошкокрадец, како што е обичајот со имињата на твоите кумашинчиња.“
Не поминало долго, кога мачката повторно нешто силно ја терало одвнатре да си касне нешто што ќе и годи. Па му рекла на глушецот: „Ќе мора повторно да ми направиш услуга и уште еднаш сам да се погрижиш околу куќата; по вторпат ме канат за кума, а бидејќи малото има бел круг околу вратот, не ќе можам да откажам. Добриот глушец се согласил, а мачката си се провнала позади градските ѕидини во црквата и ја изела половината од маста во канчето. „Ништо не е повкусно од она“ рекла, „што си го јадеме сами“, и била презадоволна од завршената работа за тој ден. Кога се вратила дома, глушецот ја прашал: „А како го крсти ова мало?“- „Дополче“, одговорила мачката. „Дополче! Што зборуваш? Во целиот мој живот никогаш не сум слушнал за такво име. Се кладам дека не постои такво име во Именикот.“
На мачката повторно повторно почнала да и собираат лиги во устата мислејќи на онаа вкусна маст. „Сите добри се случуваат трипати,“ му рекла на глушецот. „Пак ќе треба да бидам кума. Детенцето е целото црно; бели му се само шепите, инаку нема ниедно бело влакно по целото тело. Тоа се случува само еднаш на неколку години. Ќе ме пуштиш да одам? „Немакора, Дополче;“ одговорил глушецот, „навистина чудни имиња, ме замислуваат малку.“ „Седиш само дома во таа твоја мека темносива сукња и тој долг влакнест опаш,“ рекла мачката, „и те фаќаат налудничави идеи. Така е кога не се излегува по цел ден!“ Глушецот раскренал се` и ја суредил куќата додека мачката не била дома; а сладострасната мачка ја изела сета маст која стоела во канчето. „Ќе се смириш само ако изедеш се`,“ си рекла сама на себе и згоена и сита се вратила дома дури доцна во ноќта. Глушецот уште веднаш прашал за името на третото мало. „И ова сигурно нема да ти се допадне,“ рекла мачката; „се вика Крајче!“ „Крајче!“ извикал глушецот. „Навистина интересно име, се` уште не сум го прочитал некаде. Крајче! Што ли ќе значи тоа?“ Потоа ја занишал главата во знак на зачуденост, се свил во клопче и легнал да спие.
Од сега па натаму никој повеќе не ја канел мачката за кума. Но кога дошла зимата и кога надвор не можело ништо да се најде за јадење, глушецот се сетил на она што си го беа зачувале за во зло време и рекол: „Дојди мачке, ајде да појдеме кај нашето канче со маст кое си го заштедивме! Баш ќе ни се слади!“ „Секако дека ќе ти се слади,“ рекла мачката, „како кога го плазиш јазикот кон прозорецот.“ Тргнале на пат, и кога стигнале, канчето до душа си стоело на своето место, но било празно. „Ах,“ рекол глушецот, „сега сфаќам што се случило! Се` излезе на виделина. И ти си ми била некоја другарка! И се` си изела до последно, а велеше дека одиш да кумуваш: најпрво нема кора, потоа до пол....“ „Глас да не слушнам!“ свикала мачката. „Кажи само збор и ќе те изедам целиот!“
Крајче,“ му стоело на врвот на јазикот на глушецот. И уште пред да го изговори, мачката скокнала кон него, го зграбила и го проголтала. И ете, ете каков ти е светот.
Други преводи може да се најдат на:
http://www.grimmstories.com/de/grimm_maerchen/katze_und_maus_in_gesellschaft