Верниот Јован - Грим
Име на оригиналот: Der getreue Johannes
Си бил еднаш еден цар бил стар и лежел болен во постела и еден ден кога си размислувал за тоа дека постелата во која лежи може да биде неговата смртна постела ,рекол: „Доведете ми го мојот верен Јован!“. Верниот Јован бил неговиот најсакан слуга, а така се викал затоа што во текот на сиот негов живот му бил верен на царот. Кога верниот Јован дошол до креветот на царот, царот му рекол: „Најверен мој Јоване, осеќам дека ми се ближи крајот и пред мојата смрт немам никакви други грижи освен за мојот син. Тој се` уште е во младите години кога не знае секогаш што треба да прави. А ако не ми ветиш дека ќе го подучуваш во се што треба да знае и дека ќе бидеш негов негувател, тогаш нема да можам во мир да ги затворам своите очи.“ Тогаш верниот Јован одговорил: „Нема да го оставам и со верност ќе му служам, дури и по цена на својот живот.“ А царот, пак, му рекол: „Штом е така, тогаш нека умирам со утеха и во мир.“ По ова царот продолжил: “По мојата смрт ќе треба да му ги покажеш сиот замок, сите соби, сали и подземни соби и сите богатства кои се чуваат во нив. Но последната соба во долгиот ходник не треба да му ја покажеш, онаа каде е сокриена сликата на царската ќерка на Златниот змеј. Штом ќе ја здогледа сликата, ќе почне да чувствуа силна љубов кон неа и ќе почне да паѓа во бесознание и заради неа ќе го стигнат големи опасности; ти ќе треба да го заштитиш од тоа.“ А кога верниот Јован повторно му ја подал раката во знак дека ќе го одржи ветеното, царот престанал да зборува, ја спуштил главата на перницата и починал.
Откако го погребале царот, верниот Јован му кажал на младиот принц што му ветил на татко му на неговата смртна постела и рекол:„ Сакам навистина да го одржам тоа ветување и сакам да ти сум верен како што му бев верен и нему, па ако треба нека биде тоа и по цена на мојот живот.“ Деновите за тажење поминале. Тогаш верниот Јован му рекол: „Време е да си го видиш наследството, ќе ти го покажам замокот на твојот татко.“ Потоа го прошетал насекаде, и горе и долу, и му дозволил да ги види сите богатства и раскошни соби, но собата каде била сокриена опасната слика не ја отворил. Сликата, меѓутоа, била така поставена, што штом човек ќе ја отворел вратата, веднаш гледал право во неа, а била така прекрасно изработена што човек помислувал дека насликаната убавица е жива и дека е присутна и дека нема помило и поубаво нешто на сиот свет. Меѓутоа младиот принц забележал дека верниот Јован секогаш одминува една врата и му рекол:„Зошто никогаш не си ми ја отворил оваа врата?“- „Внатре има нешто,“ одговорил, „од што ќе се исплашиш.“ Но принцот на тоа рекол:
„Го видов сиот замок и сега сакам да знам што има внатре,“ па отишол и сакал вратата да ја отвори на сила. Тогаш верниот Јован го задржал и му рекол: „Пред да умре му ветив на татко ти дека нема да видиш ништо од тоа што се наоѓа во таа соба; може и тебе и мене да ни се случи голема несреќа.“ „Ах, не,“ одговорил младиот принц, “ако не влезам внатре, тоа ќе биде мојата пропаст. Нема да имам мир ни дење ни ноќе се додека не видам со сопствени очи. А сега нема да заминам од ова место се` додека не ми отвориш.“
Верниот Јован видел дека не може да се промени ништо и со тешко срце и многу воздишки почнал да го пребарува клучот меѓу многуте клучеви кои биле врзани на едно место. Кога ја отворил вратата, прв влегол тој и наумил да ја покрие сликата за принцот да не ја види. Но, какво фајде? Принцот се кренал на прстите од нозете и погледнал над неговите рамења. И во истиот миг кога ја видел сликата на девојката која била така величествена и која целата блескала од злато и драгоцени камења, паднал во бесознание. Верниот Јован го подигнал, го однел до неговиот кревет и загрижено си помислил: „Мили Боже, несреќата се случи, што ли ќе биде следно? Потоа му дал вино за да зајакне и да се поврати. Првиот збор што го изговорил бил: „Ах, која е убавицата на сликата?“ „Тоа е царската ќерка на Златниот змеј, “ одговорил верниот Јован. Потоа принцот продолжил: „Мојата љубов кон неа е толку голема што и сите листови на дрвјата да имаа јазик и да можеа да зборуваат, не ќе можеа да искажат; отсега ќе живеам за да ја добијам. Ти си мојот најверен Јован, ти ќе мора секогаш да бидеш на моја страна .“
Верниот Јован долго време размислувал како да ја започнат таа работа затоа што било многу тешко да се дојде барем пред лицето на царската ќерка. Најпосле смислил еден начин и му рекол на принцот: “Се` што таа има околу себе, се` е од злато, масите, столовите, садовите, чиниите, чашите и сите предмети во домаќинството. Во твоето богатство имаш пет тони злати; заповедај златарите од царството од еден тон злато да изработат секакви предмети и садови, секакви птици, диви животни и други прекрасни животни, тоа ќе и се допадне, па ќе појдеме таму и ќе си ја пробаме нашата среќа.“ Принцот заповедал да се доведат сите златари и тие морале да работат ден и ноќ, се` додека не ги изработиле најубавите предмети. Кога се` било натоварено на еден брод, верниот Јован облекол алишта на трговец, а и царот морал да го направи истото за да не може да го препознаат. Потоа патувале преку морето и патувале многу долго, се` додека не дошле до градот каде што живеела царската ќерка на Златниот змеј.
Верниот Јован му рекол на принцот да остане во бродот и да го чека. „Можеби“, рекол, „ ќе можам да ја донесам царската ќерка, затоа погрижи се се` да биде во ред, нека се постават сите златни садови и нека биде украсен сиот брод.“ Тој одбрал и ставил неколку од златните предмети во неговата мала престилка, се качил на копното и се упатил право кон царскиот замок. Кога дошол до дворецот, крај бунарот стоела една убава девојка; во рацете имала две кофи и со нив црпела вода од бунарот. А кога се свртела и тргнала да ја однесе светкавата вода, го видела непознатиот човек и го прашала кој бил. Тој одговорил:„Јас сум трговец,“ и ја отворил престилката и и` дозволил да види што има во неа. Тогаш таа свикала: „Леле, какви златни предмети!“, ги поставила кофите на земјата и почнатала да ги разгледува златните предмети еден по еден. Потоа девојката рекла: „Ова мора да го види царската ќерка, неа толку многу ја радуваат златните предмети што ќе Ви ги купи сите!“ Го зела за рака и го одвела горе, затоа што тоа била девојката која лично ја послужувала царската ќерка. Кога царската ќерка ја видела стоката, била сосема задоволна и рекла: “Се` е така убаво изработено, што сакам да купам се`.“ Но верниот Јован на тоа рекол: „Јас сум само слуга на еден богат трговец. Она што го имам овде е ништо во однос на она што мојот господар го има на својот брод, а тоа е најуметничкото и најубавото нешто што било кога е изработено од злато.“ Принцезата сакала сите тие предмети да ги има кај неа горе, но тој рекол: “За тоа се потребни многу денови, затоа што количината е многу голема; а исто така потребни се и многу сали за да може да се соберат сите, а Вашиот дом нема доволно простор.“ Но сето тоа уште повеќе ги подгревало нејзиното љубопитство и нејзиното расположение и најпосле рекла: „Одведи ме до бродот, јас самата ќе појдам таму и ќе го видам богатството на твојот господар.“
Тогаш верниот Јован ја одвел до бродот и многу се радувал, а принцот, кога ја здогледал, видел дека нејзината убавина била многу поголема од колку што покажувала сликата и не можел да мисли на ништо друго затоа што срцето како да сакало да му отскокне. Царската ќерка се качила на бродот, а принцот ја одвел внатре; верниот Јован, пак, останал кај капетанот на бродот и му наредил бродот веднаш да отплови:“Распнете ги сите едра, нека лета како птица во воздухот.“ Принцот, меѓутоа, на царската ќерка и ги покажувал сите златни предмети, секој еден од предметите, садовите, чашите, тањирите, птиците и сите диви и прекрасни животни. Поминале многу часови додека таа видела се`, а во сета нејзина радост не забележала дека бродот одамна отпловил. Откако го видела и последниот предмет, му се заблагодарила на трговецот и сакала да си појде дома, но кога дошла до крајот на бродот, видела дека е далеку од копното и дека бродот плови и ита по големото море со полни едра. „Ах“, извикала исплашено, „јас сум измамена, јас сум киднапирана и се наоѓам во рацете на еден трговец; ох, повеќе би сакала да умрам!“ Меѓутоа принцот ја фатил за рака и и` рекол:„ Трговец не сум, јас сум принц и по раѓање не сум ништо помалку од тебе. А тоа што те киднапирав со лукавство, тоа го направив од преголемата љубов. Првиот пат кога ја видов сликата, паднав во бесознание.“ Кога царската ќерка на Златниот змеј го чула сето тоа, се утешила, а бидејќи нејзиното срце било наклонето кон него, таа со задоволство се согласила да постане негова сопруга.
Меѓутоа, додека патувале по големото море, се случило верниот Јован, кога си седел напред на бродот и нешто си музицирал, да здогледа три гаврани кои доаѓале оттаму. Веднаш престанал да свири и наслушнал што си зборувале затоа што добро го разбирал нивниот јазик. Едниот извикал: “Леле, ќе си ја однесе царската ќерка на Златниот змеј дома.“ „Аха“, одговорил вториот, “но се` уште не е негова.“ Третиот, пак, рекол:“ Негова е, седи кај него во бродот.“ Потоа првиот повторно почнал и извикал:“Ама какво фајде? Само што ќе пристигнат на копното, кон него ќе доскокне коњ со црвено крзно, ќе сака да го јавне, а ако го направи тоа, ќе одјава заедно со него во воздухот и никогаш повеќе нема да ја види својата девојка.“ Вториот рекол:„Нема ли никаков спас?“ „О да, ако некој друг го престигне и го јавне пред него, ако го земе оружјето кое ќе биде ставено во оглавникот и ако со него го застрела коњот, тогаш младиот принц ќе биде спасен. Но, кој може да го знае тоа! А ако некој кој го знае тоа, каже за тоа, ќе се скамени од стапалата до колената.“ Вториот гавран рекол: „Јас уште знам дека дури и ако се убие коњот, принцот нема да ја добие својата невеста. Кога ќе пристигнат во замокот, во еден сад стои кошула за младоженецот која изгледа како да е ткаена од злато и сребро, а всушност нема ништо освен катран и сулфур. Ако ја облече, ќе изгори целиот сосе сите коски на него.“ Третиот повторно рекол: „Нема ли спас?“ „О, да“, одговорил вториот, „ако некој со ракаваици на рацете ја земе и ја фрли во оган за да изгори, тогаш младиот принц ќе се се спаси. Но какво фајде! Ако некој знае за тоа и ако му каже, ќе му се скамени половината тело, од колената до срцето.“ Тогаш третиот повторно рече:„Знам и повеќе: дури и да ја запалат кошулата, принцот се` уште нема да ја добие својата невеста. Кога по свадбата ќе започне танцот и кога младата принцеза ќе танцува, таа одеднаш ќе пребледне и ќе падне како мртва, и ако некој не ја подигне и не ишмука три капки крв од нејзината десна града и повторно ги исплука, тогаш таа ќе умре. Но ако оној кој го знае ова го открие, тогаш ќе се скамени сиот - до прстите на нозете.“ Кога гавраните си го раскажале сето тоа, одлетале и си го продолжиле својот лет, а верниот Јован добро разбрал се`, но од тој момент па натаму бил тивок и тажен. Затоа што, ако го премолчел ова пред неговиот господар, знаел дека неговиот господар ќе биде несреќен; а ако му го откриел, знаел дека ќе мора плати со својот живот. Најпосле си рекол: „Ќе го спасам мојот господар, па ако треба нека загинам.“
Кога стигнале до копното се случило токму како што предмалку кажал гавранот, дојавал некој коњ со црвено крзно. „Аха,“ рекол принцот, “овој коњ ќе треба да ме однесе до мојот замок “, и сакал да го јавне, но верниот Јован го престигнал, го јавнал коњот пред тој да го јавне, го извлекол оружјето од оглавникот и го убил. Тогаш, другите слуги на принцот кои многу многу не го сакале верниот Јован, извикале:„За срамота, го уби убавото животно кое принцот требаше да го одведе до неговиот замок! “Но принцот рекол: „Молчете и оставете го, тој е мојот најверен Јован, кој ли ќе знае зошто го направи тоа, но мора да има добра причина!“ Потоа пристигнале во замокот, а во салата, на еден сад била стабена свадбената кошула на принцот и не изгледало како да има нешто друго освен злато и сребро. Младиот принц се упатл кон неа и сакал да ја земе, но Јован го оттурнал, ја зграбил со ракавици на рацете, ја фрлил во огнот и ја изгорел. Другите слуги повторно почнале да мрморат и рекле:„Гледајте, сега, пак, ја изгоре свадбената кошула на принцот.“ Принцот, меѓутоа, рекол:„ Кој знае зошто го стори тоа, но мора да има добра причина за тоа, тоа е мојот најверен Јован!“ Потоа дошол редот и на свадбата. Почнал танцот, па и невестата сакала да танцува. Тогаш Јован со целото свое внимание гледал во нејзиното лице и чекал да види што ќе се случи. Одеднаш таа пребледела и како мртва паднала на земјата. Во тој момент тој брзо истрчал до неа, ја подигнал, ја однел во една соба, ја легнал на креветот, клекнал на колена и ишмукал три капки крв од нејзината десна града и повторно ги исплукал. Уште во истиот миг таа почнала повторно да дише и се опоравила, а младиот принц гледал од страна и не можел да знае зошто верниот Јован го сторил сето тоа, па се разгневил и свикал: „Фрлете го во затвор!“ Уште следното утро верниот Јован бил осуден на смрт со бесење и стоејќи горе кај бесилката каде требало да ја извршат казната, рекол: „Секој кој мора да умре, пред смртта има право на збор, го имам ли и јас тоа право?“ „Да, “ одговорил принцот, „нека ти биде дозволено.“ Верниот Јован тогаш рекол: „Неправедно сум осуден и секогаш ти бев верен“, и потоа раскажал како уште кога биле на бродот го чул разговорот на гавраните, и како, за да го спаси својот господар, морал да го направи сето тоа што го направил. Принцот тогаш свикал:“Ох, мој најверен Јоване, милост! Милост! Симнете го!“ Но, во истиот миг кога го искажал последниот збот, верниот Јован безживотно паднал на земјата и постанал камен.
Принцот и принцезата многу се растажиле во врска со ова, а принцот рекол: „Ах, колку голема верност казнив со зло!“ и наредил да се земе скаменетото тело и да се постави во неговата соба за спиење, покрај неговиот кревет. Секојпат кога ќе погледнел кон него, почнувал да плаче и велел: „Ах, камо да можев да те оживеам, мој најверен Јоване!“ Поминало некое време и принцезата родила две близначиња, две синчиња, и тие си растеле и претставувале голема радост за принцот и принцезата. Еднаш, кога принцезата била в црква, а децата си седеле со татко им и си играле, принцот повторно погледнал кон скаменетата статуа во неговата соба, воздивнал и извикал:„Ах, камо да можев повторно да те оживеам, мој најверен Јоване!“ Во тој момент, каменот почнал да зборува и рекол:“Да, можеш да ме оживееш, но само по цена на она што ти е најмило.“ На ова принцот рекол:“Се` што поседувам на овој свет ќе го дадам за тебе!“ Потоа каменот повторно рекол:„Ако со сопствени раце им ја отсечеш главата на двете твои деца и ако ме премачкаш со нивната крв, тогаш јас ќе го примам својот живот назад.“ Кога го чул тоа дека треба самиот да си ги убие своите најсакани деца, принцот се исплашил, но се сетил на големата верност и на тоа дека верниот Јован умрел за него, па го извлекол мечот и со своја рака им ги отсекол главите на своите деца. А кога со нивната крв го премачкал каменот, животот повторно влегол во верниот Јован и тој повторно стоел пред него ведар и здрав и му рекол на принцот: „Твојата верност не смее да биде ненаградена,“ потоа ги зел главите на децата, ги споил со нивните тела и им ги премачкал раните со нивната крв, а од тоа, уште во истиот миг, и двете повторно постанале цели, здрави, скокале на околу и продолжиле да си играат како да не им се случило ништо. Сето тоа премногу го израдувало принцот, а кога видел дека доаѓа принцезата, ги сокрил двете деца и верниот Јован во еден голем шкаф. Кога таа влегла, тој и рекол: „Се молеше ли в црква?“ „Да,“ одоворила таа, „но цело време мислев на верниот Јован, кого заради нас го снајде таква несреќа.“ Принцот тогаш и` рекол: „Мила моја жено, можеме да му го повратиме животот, но по цена на животите на нашите синчиња; ќе мора да ги жртвуваме, ако сакаме да го оживееме.“ Принцезата пребледела и многу се исплашила во своето срце, но рекла: “Должни сме му заради неговата голема верност.“ Тогаш принцот многу се израдувал бидејќи и таа мислела исто како и тој, отишол до шкафот, го отворил, ги извал децата и верниот Јован од него и рекол: „Слава Му на Бога, верниот Јован е спасен, а и синчињата се повторно со нас!“ па и раскажал како се случило се`. И така, сите заедно си живееле во блаженство и среќа се` до крајот на нивните животи.
Dруги преводи: http://www.grimmstories.com/de/grimm_maerchen/der_treue_johannes