Кумата Смрт - Грим
(Име на оригиналот:Der Gevatter Tod)
Еден сиромав човек си имал дванаесет деца и морал ден и ноќ да работи за да може да им донесе барем малку леб. А кога требало да се роди и тринаесеттото дете не знаел како да си помогне во сета негова сиромаштија и беда. Истрчал надвор на широката селска улица и сакал првиот кого ќе го сретне да го замоли да му биде кум на неговото дете. Првиот кого го сретнал бил Господ Бог. Тој веќе знаел што е тоа што го мачи стариот човек и му рекол:
- Сиромав човеку, јас те сожалив и сакам да го воспитам твоето дете, да се грижам за него и да го усреќам во неговиот живот.
Човекот рекол:
- Кој си ти?
- Јас сум Господ Бог.
- Ако е така, тогаш не те сакам за кум – рекол човекот – ти им даваш на богатите а сиромасите ги оставаш да гладуваат.
Човекот тоа го рекол затоа што не знаел колку мудро Господ ги создал сиромаштијата и богатството. Така тој се свртил и заминал од Господ и продолжил да оди понатаму. Тогаш му се појавил ѓаволот пред него и му рекол:
- Што бараш? Ако ме земеш мене за кум на твоето дете, ќе му дадам планини злато и ќе има многу задоволства за него во неговиот живот.
Човекот прашал:
- Кој си ти?
- Јас сум ѓаволот.
- Ако е така, тогаш не те сакам за кум на своето дете – рекол човекот – затоа пто ги мамиш и заведуваш луѓето.
Продолжил човекот да си оди кога до него дошла сувоногата Смрт и му рекла:
- Мене земи ме за кума на твоето дете.
Човекот прашал:
- Која си ти?
- Јас сум Смртта кај која сите луѓе се исти.
Тогаш човекот рекол:
- Ти си во право, ти не правиш разлика меѓу сиромасите и богатите, сите подеднакво ги земаш кај себе и бидејќи е така, ти ќе му бидеш кума на моето дете. Смртта одговорила:
- Ќе го направам твоето дете богато и славно. Кој мене ме има за пријателка, нему не може да му недостасува ништо.
Човекот рекол:
- Следната недела е крштевката, а ти дојди на време.
Смртта се појавила на крштевката како што ветила и била права кума.
Кога момчето ги наполнило годините, дошла кумата некое време и му рекла да оди со неа. Го извела надвор во шумата, му покажала една билка која растела таму и му рекла:
- Сега ќе го примиш кршталниот дар од твојата кума. Ќе те направам славен лекар. Кога ќе те повикаат кај некој болен, јас секогаш ќе ти се појавувам: ако стојам крај главата на болниот, тогаш ќе можеш смело да кажеш дека ќе го оздравиш и ако му дадеш од оваа тревка болниот ќе биде повторно здрав; но ако стојам крај нозете на болниот, тогаш тоа значи дека тој е мој и ти ќе мораш да речеш дека се` е залудно и дека ниеден лекар на светот не ќе може да го оздрави. Но пази се да не ја користиш тревката противно на мојата волја затоа што лошо ќе те снајде!
Не поминало долго, а момчето станало најпрочуен лекар на целиот свет.
- Треба само да го види болниот и веќе знае каква е работата со него, дали ќе оздрави или ќе мора да умре – вака се говорело за него и луѓе од секаде доаѓале, го носеле кај болните и му давале толку многу злато што тој за брзо постанал богат човек. Но се случило еден ден да се разболи и самиот цар. Го повикале кај царот да каже дали ќе оздрави. Но како што дошол до креветот видел дека крај нозете на болниот стои смртта и дека не постои билка која ќе може да го спаси.
- Кога би можел да ја надитрам Смртта – си помислил лекарот – таа секако дека ќе ми се налути, но таа ми е кума, па ќе ми прогледа низ прсти. Сепак ќе се обидам.
Тој тогаш го кренал болниот и го легнал на другата страна така што сега Смртта стоела крај неговата глава. Тогаш му дал од билката и царот се излекувал и повторно бил здрав. Смртта дошла до лекарот, лицето и било зло и мрачно, му се заканила со прстот и му рекла:
- Ме измами, но овој пат ќе ти попуштам затоа што си мое кумашинче, но ако се осмелиш да го направиш тоа уште еднаш, тогаш ќе ти следи казна и јас ќе те земам со мене.
Набргу и ќерката на царот се разболила од некоја тешка болест. Таа му била единственото дете и тој плачел ден и ноќ, така што и очите му ослепиле и наредил да објават дека оној кој ќе ја спаси ќе и` биде маж и ќе ја наследи круната. Лекарот, кога дошол до креветот на болната, видел дека смртта стои крај нејзините нозе. Тој ќе се сетел на опомената на кумата, но големата убавина на царската ќерка како и среќната можност да и ` стане маж, го опијаниле до толку што ги оставил сите други мисли. Не видел дека смртта му испраќа погледи полни со гнев, дека ја подигнала раката горе и дека се заканувала покажувајќи ја сувата тупаница; ја подигнал болната и ја легнал на тој начин што сега главата и` била каде што претходно и` биле нозете. Потоа и дал од тревката и уште во истиот момент и се повратил животот.
Смртта, кога сфатила дека уште еднаш ја надитриле во врска со она што претставувало нејзина сопственост, пошла со големи чекори до лекарот и му рекла:
- Готово е со тебе, а сега и тебе ти дојде редот.
Така цврсто зграбила со нејзините ладни како мраз раце што тој не можел да даде никаков отпор и го одвела во некоја подземна дупка. Видел како илјадници и илјадници светила гореле во непрегледни редови, некои силно, некои полусилно, некои пак слабо. Во секој момент догорувале едни и други одново се запалувале, така што постојано имало пламенчиња кои светеле.
- Гледаш, - рекла Смртта – тоа се светилата на животот на луѓето. Оние кои светаш силно им припаѓаат на децата, оние кои светаш полусилно им припаѓаат на оние кои се во брак и кои се во најдобрите години, а оние кои светат слабо – на старците. Сепак, често и децата и младите луѓе имаат слабо пламенче.
- Покажи ми го моето животно пламенче – рекол лекарот и мислел дека ќе биде навистина голем.
Смртта покажала кон едно догорче, мало пламенче кое се спремало да згасне и рекла:
- Гледаш, ова е тоа.
- Ах, мила кумо – рекол исплашениот лекар – запали ми ново, направи го тоа од љубов кон мене за да бидам цар и сопруг на убавата царска ќерка.
- Не можам, - рекла Смртта – најпрво мора едно да догори пред да се запали друго.
- Па стави го старото врз некое ново кое во истиот миг ќе почне да гори кога ова ќе престане – замолил лекарот.
Смртта почнала да се преправа дека сака да му ја исполни желбата, дофатила едно свежо, големо пламенче кое горело на едно стапче и – бидејќи сакала да се одмазди – намерно погрешила при поставувањето и стапчето паднало и згаснало. Лекарот уште во истиот миг паднал на земја и сега веќе самиот бил во рацете на смртта.
***КРАЈ***
Преводи на други јазици може да најдете на овој линк:
http://www.grimmstories.com/de/grimm_maerchen/der_gevatter_tod
Преводи на други јазици може да најдете на овој линк:
http://www.grimmstories.com/de/grimm_maerchen/der_gevatter_tod