За браќата Грим
Браќата Грим се познати ширум светот по бајките кои по нивна заслуга биле спасени од заборавот и кои од усната и понекогаш писмена традиција собрани на едно место, оттаму – денес преведени на околу 160 јазици - и ден денес - допираат до срцата не само на најмладите. Меѓутоа, главната и единствената дејност на браќата Грим не била само собирањето бајки. Тие се научници, професори и имаат навистина голем придонес во истражувањето на развојот на германскиот јазик. Во една прилика ќе се рече: „Браќата Грим не се само собирачи на бајки, тие се и филолози, и тоа најдобрите во нивното време“.
Јакоб и Вилхелм Грим се двете најстари од шесте деца (вкупно биле девет, но три починале уште како доенчиња) на Доротеа и Филип Грим. Потекнуваат од семеjство во кое дедото и прадедото биле духовници во реформираната - калвинистичка црква. Родени се во Ханау (1785/1786 - † 1863/1859 во Берлин), а на 5 односно 6 годишна возраст се преселени во Штајнау ан дер Штрасе каде нивниот татко поприма висока служба. Еден дел од детството поминуваат тука. Две години по смртта на нивниот татко, кој рано заминува од овој свет, се преселуваат кај нивна роднина – тетка – во Касел каде се под нејзина грижа и со нејзино застапништво добиваат најдобро образование. По матурата студираат правни науки, но нивните интереси повеќе се наклонуваат кон германскиот јазик: развојот, промените во развојот и сличностите меѓу сродните јазици (со нивното име е поврзана појава во развојот на германските јазици т.н. Гримов закон познат во лингвистиката и германистиката). По студиите работат некое време како библиотекари што им овозможува непречено дружење со книгите и работа на сопствените интереси што своевремено ќе даде значајни резултати, но околностите ќе доведат до тоа да ја напуштат таа работа и да се преселат во Гетинген каде работат околу седум години како професори во универзитетот во Гетинген. Во овој период тие стануваат двајца од Седумте професори од Гетинген (Гетингенските седуммина) кои го губат работното место и се прогонети затоа што протестираат против одлуката на Ернст Август II Хановерски да го укине Уставот. По ова прускиот крал Фридрих Вилхелм IV ги поканува во Берлин како професори на Академијата каде живеат и работат до крајот на нивниот живот. Во периодот од нивното отпуштање од работа во Гетинген до крајот на нивниот живот работат на Речник на германскиот јазик, но не успеваат да го завршат. Речникот е готов дури 1961 година, откако работата на од нив започнатото дело – доаѓаат до буквата Ф - ја продолжуваат следните генерации.
Освен бајките (првото издание со околу 900 примероци 1812) издавале и есеји кон периодот и творештвото на Минезенгерите (заедно), за старогерманскиот „Мајстергезанг“ (Јакоб), Стародански јуначки песни, балади и бајки (Вилхелм), три изданија на списанието Старогермански шуми Аltdeutsche Wälder, Старогерманската Песна за Хилдебранд, Весобруншката молитва(заедно), Книга за митолошко толкување на сликите и столбовите на боговите (Јакоб), старошпански ромасни, Збирка легенди (германски легенди од 6-16 век, заедно со прилози кон материјалот, настанокот и уметничката преработка), Германска граматика, Речник на германскиот јазик и слично.