Бајки -Грим
Grimms Märchen / Grimm's Fairytales

Болвичка и вошкичка - Грим

Име на оригиналот: Läuschen und Flöhchen

Една болвичка и една вошкичка си живееле заедно во еден дом и си вареле пиво во една лушпа од јајце. Но еден ден вошкичката паднала внатре и изгорела. Болвичката тогаш почнала на сиот глас да вика. На тоа малата врата од собата рекла: „Зошто викаш, болвичке?“ „Вошкичката изгоре.“

Тогаш малата вратичка почнала да чкрипи. Во аголот од собата стоело едно метле и рекло: „Зошто чкрипиш, вратичке?“ „Како да не чкрипам?

Вошкичката изгоре,

болвичката плаче.“

Потоа метлето почнало да мете предизвикувајќи ужас кај сите. Поминала една мала количка и рекла: „Зошто метеш, метленце?“ „Како да не метам?

Вошкичката изгоре,

болвичката плаче,

вратичката чкрипи.“

На ова количката рекла: „Тогаш и јас ќе почнам да возам брзо,“ и почнала да вози така брзо што ги плашела ги сите. Поминала брзо покрај ѓубренцето, а тоа рекло: „Зошто брзаш, количке?“ „Како да не брзам?

Вошкичката изгоре,

болвичката плаче,

вратичката чкрипи,

метлето мети.“

Потоа ѓубренцето рекло: „Тогаш и јас застрашувачки ќе горам силно“ и почнало да гори во светол оган. Покрај ѓубренцето си стоело некое дрвце и дрвцето рекло: „Ѓубренце, зошто гориш?“ „Како да не горам?“

Вошкичката изгоре,

болвичката плаче,

вратичката чкрипи,

метлето мете,

количката ита.“

Тогаш дрвцето рекло: „Штом е така, јас ќе се затресам,“ и почнало да се тресе така што испопаднале сите лисја. Едно девојче кое дошло носејќи во рацете чаше за вода, го видело сето тоа и рекло: „Дрвце, зошто се тресеш?“ „Како да не се тресам?

Вошкичката изгоре,

болвичката плаче,

вратичката чкрипи,

метлето мете,

количката ита,

ѓубренцето гори.“

Девојчето тогаш рекло: „Тогаш и јас ќе го скршам ова чаше за вода,“ и го скршила чашето. Во тој миг, бунарчето од кое извирала водата рекло: „Девојче, зошто го скрши чашето?“ „Како да не го скршам моето чаше за вода?

Вошкичката изгоре,

болвичката плаче,

вратичката чкрипи,

метлето мете,

количката ита,

ѓубренцето гори,

дрвцето се тресе.“

„Леле,“ рекло бунарчето, “тогаш и јас ќе почнам да течам,“ и почнало стравотно да тече. И во водата која истекла се удавиле сите: и девојчето, и дрвцето, и ѓубренцето, и количката, и метлето, и вратичката, и болвичката, и вошкичката, сите заедно.

Други преводи може да се најдат на:
www.grimmstories.com/de/grimm_maerchen/lauschen_und_flohchen

Diese Webseite wurde kostenlos mit Homepage-Baukasten.de erstellt. Willst du auch eine eigene Webseite?
Gratis anmelden