За бајките на браќата Грим
Прво што ни паѓа на памет кога размислуваме за собирачката дејност на браќата Грим е дека таа се одвивала на тој начин што тие шетале низ земјата и запишувале што ќе слушнеле. Меѓутоа денес точно се знае дека тоа не се случило така. Браќата Грим објавувале дури и огласи по кои луѓето се пријавувале и ги носеле своите бајки, но многумина најверојатно сакале да останат анонимни што се потврдува со фактот дека во манускриптите на збирката постојат белешки со посочувања и именувања на лицата кои ги раскажале бајките, но не за сите. Бајки се раскажувале и во круговите на интелектуалците и така се објаснува раѓањето на иницијативата да се соберат на едно место и да се сочуваат од заборавот.
1812 година во 900 примероци излегла од печат првата Збирка семејни детски бајки, но не наишла на добар прием. 1825, пак, излегува од печат мало илустрирано издание на Семејни и детски бајки, а за илустрациите бил ангажиран третиот од браќата Грим: Лудвиг Емил Грим, академски професор (и тоа неколку години по изданието на англиската илустрирана верзија на нивната збирка бајки). Од 1812, т.е. првото издание, па до 1825 и подоцна бајките претрпеле некои измени: тие се пред се` стилистички дотерани, некои работи биле извадени со цел да се одбегнат критиките дека бајките се противречни со себе, дека се фрагментарни, дека се рудиментарни или во извесна мера драстични и непогодни за деца.
2011 година излезе од печат книгата на професорот Хајнц Релеке, истражувач на бајките на Грим, со наслов „Си биле еднаш... – Вистинските бајки на браќата Грим и кој им ги раскажал“ каде се објаснува начинот на кој била создадена збирката бајки. Во кратко интервју на германското радио dradiowissen.de професорот раскажува дека се познати информации за лицата кои им ги раскажувале бајките на браќата Грим, како и информации кои наведуваат до заклучокот дека, имајќи го предвид потеклото на лицата кои им ги раскажувале бајките на браќата Грим, повеќето бајки се со француско потекло.
Интересно е да се знае и тоа дека, иако отсекогаш пропратувани од грижата за нивното негативно влијание врз младите, бајките наишле на широк прием ширум светот уште пред појавата на телевизијае. На приговорот дека се ужасни т.е. дека негативно влијаат, Ерхад Холгер, професор на Универзитетот во Касел по предметот Делото и влијанието на браќата Грим, вели: „Секако дека таму се јадат луѓе, или се сече нечиј стомак – но сето тоа е раскажано во едни поетски рамки. А секое дете знае да го разоткрие и правилно да си го уреди сето тоа. Не можам да си замислам дека некој може да има некаква душевна штета од бајките. И сметам дека оваа дискусија, соочени со една медиумска област која е повеќе од катастрофална, е сосема излишна“.