Белата змија - Грим
(име на оригиналот: Die weisse Schlange)
Некогаш одамна си живеел еден цар чија мудрост била прочуена низ целата земја. Немало ништо што му било непознато, се чинело како самиот воздух да му ја пренесувал веста и за најсокриените нешта. Тој меѓутоа имал една чудна навика. Секое пладне, кога ќе ја раскренеле богатата трпеза и кога немало повеќе никого од присутните, еден верен слуга донесувал еден друг сад. Садот бил покриен и ни самиот слуга не знаел што има во него, а и ниту еден човек не го знаел тоа, затоа што царот не го откривал и не јадел ништо од него пред да останел сосема сам. Тоа било така некое време, но еден ден, слугата кој бил задолжен да го земе и однесе садот, бил обземен од големо љубопитство на кое не можел да одолее, па го зел садот во неговата соба. Кога внимателно и добро ја заклучил вратата, го подигнал капакот и видел дека во садот има бела змија. Кога ја видел, не можеше да се воздржи да не ја проба; си пресекол едно мало парче и си го ставил в уста. Но едвај да го почувствувал на својот јазик, кога од пред неговиот прозорец чул чудни шепоти од некакви нежни гласови. Отишол до прозорецот и наслушнувал. Забележал дека тоа врапците меѓусебно разговараат и си раскажуваат еден на друг што се` виделе во полето и во шумата. Јадењето од змијата му ја дала способноста да го разбира јазикот на животните.
Па се случи и тоа токму на овој ден на царицата да и се изгуби најубавиот прстен и притоа сомнежот дека го украл да падне токму на верниот слуга кој имал пристап на секаде. Царот наредил слугата да се појави пред него и со жестоки и прекорни зборови му се заканил дека ако до следното утро не дознае кој го направил тоа – тој самиот ќе биде сметан за крадец и ќе биде осуден. Не помагало тоа што силно се обидувал да ја докаже својата невиност – го отуштиле без да ја променат одлуката. Во својот немир и страв слегол долу во дворецот и почнал да мисли како да се извлече од лошото што го снашло. Крај едно изворче со вода си седеле некои пајки една до друга и си одмарале, се чистеле со клуновите и воделе доверлив разговор. Слугата застанал и ги слушал. Раскажувале каде се` не прошетале утрото и каква се` добра храна си нашле за јадење. Едната намуртено рекла:“Нешто ми е тешко во стомакот, голтнав така наеднаш еден прстен кој стоеше под прозорецот на царицата.“ Во тој момент слугата веднаш ја фати, ја однесе во кујната и му рече на готвачот:„Заколи ја оваа, добро е нахранета.“ –„ Да,“ рече готвачот и ја измери на рака; се потрудила добро да се нагои и веќе долго чека да биде испечена.“ И` го пресекол вратот и кога ја очистил се нашол прстенот во нејзиниот стомак. Сега слугата лесно можел да ја докаже својата невиност пред царот и бидејќи овој сакал да ја поправи неправдата што ја направил, му дозволил да побара нешто од царот и му ветил дека ќе му го даде највисокото место во царскиот дворец кое ќе си го посакал.
Слугата одбил се`, а побарал само еден коњ и пари за пат – затоа што сакал да го види светот и да прошета малку низ него. Кога му било дадено тоа што побарал, тој тргнал на пат и еден ден минал покрај некој рибник и видел три риби кои се фатиле во трските и почнале да претаат на сува и со сите сили се обидувале да се вратат во водата. Иако се вели дека рибите се неми, сепак тој успеал да ги чуе како се жалаат дека ќе мора да загинат така бедно. Бидејќи имал милостиво срце, симнал од коњот и ги ослободил заглавените риби и ги вратил во водата. Запретале радосно, ги извадиле главите над водата и повикале кон него:„Ќе запамтиме и ќе ти возвратиме за тоа што не спаси!“ Тој продолжил да јава и по некое време му се присторило дека откај нозете во песокта слуша некакви гласови. Слушал и наслушнувал како кралот на мравите се жалал:„Барем да можеа да не остават на мира овие луѓето нивните несмасни животни! Овој глупав коњ немилосрдно газе врз моите луѓе со неговите тешки копита!“Тогаш слугата свртил и продолжил да оди по еден страничен пат, а кралот на мравите му довикнал:„Ќе ти го запамтиме ова и ќе ти вратиме за доброто што ни го направи!“ Патот го водел во една шума и таму видел еден гавран со неговата жена-гавранка. Стоеле крај нивното гнездо и ги исфрлале нивните млади надвор од гнездото:„Доста ни е од вас, мрзливци, “ викале, „повеќе не можеме да ве храниме, доволно сте возрасни и сами можете да се храните.“ Кутрите мали гавранчиња лежеле на земјата, претале со нивните крилца и викале:“Ние беспомошни деца, ние треба сами да се храниме а не можеме ни да летаме! Што ни преостанува освен да умреме овде од глад!“ Тогаш доброто момче слегол од коњот, го убил него со својот меч и им го оставил на малите гавранчиња за храна. Тие докуцале до него, се наситиле и извикале:„Ќе ти го запамтиме ова и ќе ти вратиме за доброто со добро!“
Сега момчето морало да ги користи само нозете и откако поминало долг пат стигнало до еден голем град. Таму имало голема гужва и голема бучава и дошол гласник на коњ и гласно објавил дека кралската ќерка бара маж за себе и дека секој кој сака да се пријави ќе мора да изврши тешка задача, а ако не ја изврши со среќа, тогаш ќе мора да плати со својот живот. Мнозина се обиделе, но залудо го дале својот живот. Момчето, откако ја видело кралската ќерка, било толку многу заслепено од нејзината голема убавина што заборавило на сите опасности, се појавило пред кралот и се пријавило како кандидат за женење.
Уште веднаш го извеле кај морето и пред неговите очи во морето фрлиле еден прстен. Кралот тогаш му наредил повторно да го извади прстенот од морските длабочини и додал: „Ако се вратиш на копното без него, тогаш се` одново ќе бидеш фрлан назад во морето се` додека не загинеш во неговите бранови.“ Сите луѓе почнале да го жалаат убавото момче и потоа го оставиле сам. Си стоел на брегот и размислувал што да направи. Во тој миг видел како до него одеднаш допливале три риби, а тоа не биле други риби, туку истите оние на кои им го спасил животот. Онаа во средината носела во устата школка која ја оставила крај нозете на момчето во песокот, а кога овој ја подигнал и ја отворил, видел дека во неа се наоѓа златниот прстен. Исполнет со голема радост му го донел прстенот на кралот и чекал да биде награден како и што му ветиле. Но кралската ќерка, откако разбрала дека не и` е дораснат, го одбила со презир и побарала од него да изврши една друга задача. Слегла долу во градината и истурила во тревата десет вреќи со просо. „Ќе мора до утре, уште пред да излезе сонцето, да ги собере сите зрнца, “ рекла, „и не смее да недостига ниту едно единствено зрнце.“ Момчето си седнало во градина и си мислело на кој начин да ја изврши задачата; но не можел да се досети, си седел тажен и чекал кога ќе раздени да биде погубен. Но кога во градината паднале првите сончеви зраци видел како една до друга стоеле десетте вреќи добро наполнети и ниту едно зрнце не недостасувало. Кралот на мравите дошол во ноќта со неговите илјадници и илјадници мравки и благодарните животни го собирале просото со голема трудољубивост и го ставале во вреќите. Кралската ќерка сама дошла во градината и со зачуденост видела дека момчето го направило тоа што му било дадено за задача. Но се` упте не можела да го принуди своето гордо срце и рекла: „Иако ги изврши двете задачи, не може да ми стане маж се` додека не ми донесе едно јаболко од дрвото на животот.“ Момчето не знаело каде се наоѓало дрвото на животот. Тргнало на пат и сакало да не престанува да оди се` додека го држеле нозете, но немало надеж дека ќе го најде. Откако минало низ три царства и вечерта дошло до една шума, седнало под едно дрво и сакало да спие. Тогаш чуло некаков шум откај гранките и едно златно јаболко паднало во неговата рака. Во истиот миг слетале до него три гаврани, застанале на неговото колено и рекле:„Ние сме трите гаврани кои ти ги спаси од глад. Кога пораснавме и чувме дека го бараш златното јаболко, го прелетавме морето и летавме до крајот на светот каде што се наоѓа дрвото на животот и ти го донесовме златното јаболко.“ Момчето, радосно, тргнало да се враќа и на кралската ќерка на која не и` преостанале други изговори и го донело златното јаболко. Си го поделиле јаболкото и двајцата заедно јаделе од него. Тогаш се отворило срцето на кралската ќерка и се исполнило со љубов кон момчето и двајцата заедно во голема и непопречена среќа живееле долг, долг живот.
Преводи на други јазици можете да најдете на следниот линк:
http://www.grimmstories.com/de/grimm_maerchen/die_weisse_schlange