Бајки -Грим
Grimms Märchen / Grimm's Fairytales

Бајка за оној кој тргнал на пат

за да научи да се плаши - Грим

Наслов на оригиналот: Märchen von einem der Auszog, das Fürchten zu lernen.

Еден татко си имал два сина. Постариот бил паметен и бистар и можел да се снајде во се`. Помладиот, меѓутоа, бил глупав, ништо не можел да сфати и да научи, и кога луѓето ќе го виделе, велеле: „Е, овој син добро ќе си го намачи татка си!“ Кога требало нешто да се направи, секогаш најстариот морал да работи. Но кога таткото ќе побарал од него да  изврши некоја работа доцна на вечер или во ноќта и ако патот водел покрај црковните гробишта или крај некое морничаво место, тогаш овој велел: „Ах, не, татко, не одам таму, морници ме полазуваат!“, затоа што се плашел. Или, пак, навечер, кога покрај огништето се раскажувале приказни од кои човек целиот се намовнувал, оние кои слушале понекогаш ќе рекле: „Ах, сиот се намовнав од страв!“ Помладиот си седел во некое ќоше, слушал и не можел да сфати што треба тоа да значи. „Тие постојано велат, се намовнав од страв, се намовнав од страв! Мене не ми е ништо. Тоа ќе мора да е некоја уметност од која јас воопшто не се разбирам.“

И така, се случило еден ден татко му да му рече:„ Слушни ме ти, ти кој седиш во ќошето, силен си и голем, ќе треба и да научиш нешто да си го заработуваш лебот. Гледаш како брат ти се труди, а ти не можеш да се поправиш.“ „Леле, татко,“ одговорил тој, „со задоволство би научил нешто, да, ако треба нешто да учам, тогаш би сакал да научам што е тоа страв; ништо не разбирам од тоа.“ Постариот се насмевнал кога го слушнал тоа и си помислил во себе си: Мили Боже, каков ли глупчо е овој мој брат, од него никогаш нема да бидне нешто. Кој сака да биде кука, ќе мора правовремено и да се свие. Таткото воздивнал и му одговорил: „Да се плашиш, тоа секако дека ќе го научиш, но со тоа не можеш да си го заработиш лебот.“

Скоро потоа дошол на гости кај нив клисарот. Таткото му се пожалил и му раскажал како помалиот син не се разбира од ништо, дека не знае и не учи ништо. „Замислете ,само, кога го прашав со што сака да си го заработува лебот, тој дури и побара да научи да се плаши.“ „Ако тоа е целата работа,“ рекол клисарот, „тоа ќе може да го научи кај мене; дајте ми го мене, јас ќе го стругнам малку.“ Таткото бил задоволен и мислел дека синот малку и ќе се среди. Така, клисарот го зел во неговиот дом, а тој требало да ги бие црковните ѕвона. По неколку дена го разбудил некаде околу полноќ, му наредил да стане, да се качи во камбанаријата и да ги забие црковните ѕвона. Треба да научиш што е страв, помислил, тајно се искачил пред него во камбанаријата, и кога момчето се качило горе и погледнало наоколу и сакало да го дофати јажето од камбаната, видело на скалите, наспроти дупката низ која се движел звукот, нешто бело. „Кој е тоа?“ извикал, но белото нешто не дало одговор, ни мрдало ни се движело. „Одговори“, свикало момчето, „или замини, немаш никаква работа овде во ноќва!“ Но клисарот останал да стои и не се помрднувал, за момчето да си помислело дека бил дух. Момчето извикало по вторпат: „Што бараш овде? Зборувај ако си чесно момче или ќе те фрлам по скалите.“ Клисарот помислил: Сигурно не е сериозен, и не пуштил ни глас и стоел како да е од камен. Потоа момчето викнало гласно кон него по третпат, и кога повторно не добил никаков одговор, се затрчал и го турнал духот по скалите, така што духот паднал десет скали подолу и останал да лежи во еден агол. Потоа ги забил камбаните, си пошол дома, си легнал без да каже збор и веднаш заспал. Сопругата на клисарот долго време го чекала својот сопруг, но него го немало да си дојде. Најпосле ја фатило страв; го разбудила момчето и го прашала: „Да не знаеш случајно каде остана мојот сопруг? Тој пред тебе се искачи на камбанаријата.“ „Не,“ одговорило момчето, “но таму стоеше некој наспроти дупката за низ која минува звукот, на скалите, и бидејќи не ми одговори, а и не сакаше да си замине, сметав дека е крадец и го турнав по скалите. Појдете таму и ќе видите дали тоа бил тој, мене ќе ми биде е жал.“  Жената скокнала во истиот миг и отишла таму и го нашла најзиниот маж како лежи во еден агол офкајќи од болка и  кому му била скршена едната нога.

Го однела горе и викајќи гласно побрзала кон таткото на момчето. „Вашето момче,“ почнала да вика, „предизвика голема несреќа, го фрлил мојот сопруг по скалите и нему сега му е скршена ногата. Веднаш одведете го тој безделник од нашата куќа!“ Таткото се исплашил, дотрчал до нивната куќа и го оттргнал синот од тоа место. „Какви се тие безбожни испади, тоа мора да ти е од лукавиот.“ “Татко,“ одговорило момчето, „само послушај ме, сосема сум невин. Тој ноќта стоеше таму како некој кој наумил нешто лошо. Не знаев кој е и трипати го опоменав да зборува или да си замине.“ „Ах,“ рекол таткото, „со тебе ме чекаат само неволји, замини ми од пред очи, не сакам повеќе да те видам.“ „Да, татко, и тоа со задоволство, само почекај, кога ќе дојде денот, па ќе излезам и ќе научам да се плашам и ќе научам уметност од која ќе можам да се прехранам.“ Учи што сакаш,“ рекол таткото, “мене ми е сеедно. Еве ти педесет таланти, оди со нив низ светот и никому не кажувај од каде си и кој ти е татко, затоа што ќе мора да се срамам од тебе.“ „Да, татко, како што сакате, ако не барате повеќе, тогаш тоа лесно ќе можам да го сторам.“

Кога се разденило, момчето ги ставило неговите педесет таланти во џебот, излегло на големата селска улица и постојано си говорело пред себе: „Ех кога само би се исплашил, ех кога би се исплашил!“ Тогаш се приближил еден човек и го чул разговорот што момчето си го водело само со себе, и кога заминале малку понатаму од каде можела да се види една бесилка, човекот му рекол на момчето: „Гледаш, таму е дрвото каде седумте направија свадба со ќерката на јажарот и сега учат да летаат: седни под нив и чекај додека дојде ноќта, па ќе научиш што е страв.“ „Ако тоа е се`“ одговорило момчето, „тогаш тоа е лесно; но ако толку бргу го научам тоа, тогаш ќе ти ги дадам моите педесет таланти; утре рано дојди повторно кај мене.“ Тогаш момчето отишло до бесилката, седнало под неа и чекало до вечерта. И бидејќи му било ладно, си запалило оган. Но околу полноќ ветрот почнал да дува така ладно што не можел да се затопли иако го запалил огнот. А кога ветрот почнал да дува така што обесените почнале да се мрдаат и да се удираат еден од друг на своите места, момчето си помислило: Ти овде крај огнот се смрзнуваш, а што ќе е со овие горе кои допрва смрзнуваат и се тресат. И бидејќи бил сожалив, ги поставил скалите, се качил, ги одврзал еден по еден и сите седуммина ги симнал долу. Потоа го подбуцнал огнот да се распали, дувнал во него и ги седнал седуммината околу огнот за да се стоплат. Но тие само седеле и не се помрднувале. По некое време огнот ги зафатил нивните алишта. Тогаш момчето рекло: „Внимавајте на себе, инаку повторно ќе ве обесам горе.“ Но мртвите не слушале, молчеле и ги оставиле нивните искинати алишта да горат. Тогаш момчето се налутило и рекло: „ Ако не сакате да внимавате на себе си, тогаш нема да можам да ви помогнам, не сакам да изгорам заедно со вас,“ и повторно ги обесил еден по еден, по истиот редослед. Потоа седнал до својот оган и заспал, а следното утро дошол човекот, ги побарал педесетте таланти и рекол: „Па, знаеш ли сега што е страв?“ „Не,“ одговорило момчето, „од каде да знам? Овие горе уста не отворија, и беа така глупави што дозволија да им се запалат и оние неколку стари партали кои ги имаат на себе.“  Видел човекот дека нема да може да ги добие педесетте таланти со ова, си заминал и рекол: „До сега не сум видел ваквов човек.“

И момчето исто така си го продолжило својот пат и повторно започнало да си говори пред себе: „ Ах кога би се исплашил! Ах кога би се исплашил!“ Тоа го чул еден кочијаш кој одел зад него и го прашал: „Кој си ти?“ „Не знам,“ одговорило момчето. Кочијашот повторно прашал: „Од каде си?“ „Не знам“ “Кој ти е татко?“ „Тоа не смеам да го кажам.“ „А што си мрмориш постојано во себе?“ „Леле,“ одговорило момчето, сакам да научам да се плашам, но никој не може да ме научи.“ “Остави го тоа будалесто дрдорење,“ рекол кочијашот. „Ајде, дојди со мене, јас ќе гледам да ти најдам место да се прибереш.“ Момчето тргнало заедно со кочијашот, а вечерта стигнале до една гостилница каде сакале да преноќат. На самиот влез во собата момчето повторно извикало гласно: „Кога би се исплашил ! Кога би се исплашил!“ Гостилничарот кој го чул тоа, се насмеал и рекол: “Ако толку го сакаш тоа, овде има добра прилика за тоа.“ “Ах, молчи,“ рекла сопругата на гостилничарот, „еден таков љубопитко плати со својот живот, ќе биде жално и штета за оние убави очи ако уште еднаш не ја видат светлината на денот.“ Но момчето рекло: „Дури и ако е толку тешко, сепак сакам еднаш да го научам тоа, за тоа и сум на овој пат.“ И не го оставал гостилничарот на мира додека овој не му раскажал дека недалеку од таму имало некаков проколнат замок каде можело да се научи што е тоа страв до намовнување ако се бдеело таму само три ноќи. Кралот имал ветено дека својата ќерка ќе му ја даде за жена на оној кој ќе сакал да се осмели да го направи тоа, а неговата ќерка била најубавата девојка која било кога ја огреало ова сонце; во замокот имало и големи богатства кои биле чувани од зли духови, тие тогаш ќе биле ослободени и кој бил сиромав, ќе моел лесно да се збогати. Мнозина веќе влегле внатре, но никој не излегол. Следното утро момчето отишло пред кралот и рекло: „Ако дозволите, и јас би сакал да бдеам три ноќи во проколнатиот замок.“ Кралот го видел момчето и бидејќи му се допаднало, рекол: „Смееш да побараш три нешта, но тоа мора да се предмети и нив ќе смееш да ги земеш со себе во замокот.“ Момчето одговорило: „Тогаш, ако смеам, сакам да добијам оган, стругарка и сечилка со нож,“

Кралот дозволил да му го однесат сето тоа во замокот додека уште било ден. Пред да дојде ноќта, момчето се искачило горе и во една соба си запалило светол оган, сечилката со ножот ја поставило покрај себе, а тоа си седнало на стругарката. „Ах, кога само би се исплашил,“ рекло “но и овде нема да го научам тоа.“ Кон полноќ сакал повторно да си го распали огнот и како што дувал во него, одненадеж почнале да доаѓаат силни гласови од едниот агол во собата: „Ау, мјау, Смрзнуваме!“ „Лудаци,“ свикало момчето, „штом смрзнувате, дојдете, седнете крај огнот и стоплете се.“ И како што го изговорил тоа, две црни мачки со само еден огромен скок скокнале до него, седнале од двете негови страни и диво гледале во него со вжарени очи. По кратко време, кога се стоплиле, рекле:„ Пријателу, ајде да играме карти.“ “Зошто да не?“ одговорило момчето, „но прво покажете ми ги вашите шепи.“ Тие ги испружиле канџите. „Леле,“ рекло момчето, „колку долги нокти имате! Почекајте, прво ќе мора да ви ги пресечам.“ Веднаш ги зграбил за вратовите, ги подигнал и ги ставил на стругот и убаво им ги навил шепите. „По прстите ве прочитав,“ рекол, „и сосема изгубив волја за играње карти,“ потоа ги убил и ги фрлил надвор во водата. Но откако ги смирил оние две и сакал да седне крај својот оган, од сите агли и места во собата почнале да доаѓаат се повеќе и повеќе црни мачки и црни кучиња со вжарени синџири, така што повеќе не можело ни да се помрдне. Пуштале ужасни звуци, му го газеле огнот, ги расфрлале жарчињата и сакале да го изгаснат. Момчето мирно го гледало сето тоа кратко време, но кога премногу се налутило, ја зело сечилката и свикало: „Заминете вие, целата група!“ и почнал да удира по нив. Еден дел скокнале и избегале, другиот дел ги убил и ги фрлил надвор во барата. Кога повторно дошол назад, дувал во жарчињата и одново си го распалил огнот и се стоплил. И како што си седел така, не можел повеќе да ги држи своите очи отворени и почнало да го фаќа сон. Разгледал наоколу и во аголот видел еден голем кревет. „Токму тоа“  рекол и си легнал на него. Но кога сакал да ги затвори очите, креветот почнал да се движи сам од себе и се движел околу целиот замок. „Добро,“ рекол, „но подобро да ги затворам“. Тогаш креветот продолжил да се движи како пред него да биле впрегнати шест коњи, и се движел горе и долу по скалите и праговите: одеднаш, оп, оп! се превртил, тоа што било најдолу сега било најгоре и го покривало како планина.

Потоа ги истуркал на горе ќебињата и перниците, слегол и рекол: „Сега нека се вози кој сака,“ па си легнал крај огнот и спиел додека се разденило. Утрото дошол кралот и кога го видел како лежи на земја, помислил дека дека духовите го убиле и дека било мртов. Тогаш рекол: „Штета за прекрасното момче.“ Момчето го чуло тоа, се исправило и рекло: „Се` уште не ум пошол  дотаму!“ Кралот се зачудил, но се израдувал и го прашал како му е. „Добро,“ одговорило, „помина една ноќ, и двете други ќе поминат.“ Кога пошол кај гостилничарот, овој гледал во него со широко отворени очи: „Мислев,“ рекол, „дека уште еднаш нема да те видам жив; и, научи ли што е тоа страв?“ „Не,“ рекло момчето, „се` е залудно. Ех, кога некој би можел да ме научи да се плашам!“

Втората ноќ момчето повторно се искачило во стариот замок, си седнало крај огнот и си ја почнало старата песна: „Кога само би се исплашил!“ На полноќ почнало да се слуша бучава и тропање; најпрво звуците се засилиле, потоа било малку тивко, а најпосле низ оџакот се спуштил половина човек испуштајќи гласни крикови и паднал пред него. „Здраво!“ извикал, „недостасува уште една половина, ова е премалку.“ Потоа одново започнала бучавата, се слушале виења и бучења и одозгора паднала и другата половина. „Чекај,“ рекло момчето, „прво да го разгорам огнот, да се згрееш малку.“ Додека го разгорувал огнот и повторно сакал да погледне наоколу, двата делови од телото се споиле во едно и на неговата стругарка седел човек со ужасен изглед. „А, така не се договоривме,“ рекло момчето, „тоа на што седиш е мое.“ Човекот сакал да го оттурне, но момчето не дозволило да се случи тоа, силно го оттурнало од себе и повторно си седнало на своето место. Тогаш почнале одозгора да паѓаат и други луѓе, еден по еден. Носеле девет нозе од мртви луѓе и две глави од мртви луѓе, ги поставиле на земјата и играле куглање. И момчето исто така посакало да игра и прашало:„ Ме слушате ли, може ли и јас да играм?“ „Да, ако имаш пари.“ „Пари имам доволно,“ одговорило, „ама кугливе не ви се доволно тркалезни.“ Потоа ги зел главите, ги поставил на стругарката и ги израмнил. „Така, сега подобро ќе се движат,“ рекло, „ајде, ајде да се забавуваме!“ Играло со нив и изгубило нешто од парите, но кога часовникот отчукал дванаесет пати, се` исчезнало од пред неговите очи. Потоа си легнало  и длабоко заспало. Следното утро дошол кралот и сакал да дознае што се случило. „Како помина овојпат?“ прашал тој. „Куглав,“ одговорило момчето, „изгубив неколку гроша.“ „И, се стресе ли од страв? „Што?,“ рекло, „баш ми беше забавно. Кога само би знаел што е тоа страв!“  

Третата ноќ повторно си седнало на својата стругарка и навистина изнервирано рекло: „Кога би се исплашил!“ Кога се стемнило, дошле шест големи мажи кои носеле еден мртовечки ковчег. Момчето рекло:„ Ха, ха, тоа мора да е мојот мал роднина кој почина пред неколку дена,“ дал знак со прстот и извикал: „Ајде роднино, дојди!“ Мажите го поставиле ковчегот на земјата, а момчето отишло до нив и го отворило ковчегот: внатре лежел мртов човек. Ја поставило раката на неговото лице да почувствува дали е топол, но бил студен како мраз. „Чекајте,“ рекло, „ќе те стоплам малку,“  му ги стоплило рацете и му ги поставило на неговото лице, но мртвиот и понатаму бил студен. Потоа го извало од ковчегот, седнало крај огнот, а него го легнало кај себе в скут и му ги триело рацете за да можела крвта повторно да проструи. Кога и тоа не сакало да помогне, се досетило, „ако двајца лежат заедно во еден кревет, ќе се стоплат,“ па го легнало во креветот, го покрило и легнало покрај него. По кратко време мртвиот се стоплил и почнал да се помрднува. Тогаш момчето рекло: „Гледаш, роднино, те стоплив!“ Но мртвиот се подигнал и извикал: „Сега ќе те задавам.“ „Што,“ рекло момчето, „тоа ли е твоето благодарам? Веднаш ќе се вратиш повторно во ковчегот;“ па го кренало, го фрлило внатре во ковчегот и го затворило капакот; потоа повторно дошле шесте мажи и го однеле. „Нема да се уплашам,“ рекло, „овде тоа нема да го научам во текот на целиот мој живот.“

Потоа влегол внатре еден човек кој бил повисок од сите други и изгледал навистина страшно; човекот, меѓутоа, бил стар и имал долга бела брада. „О, ти, човече,“ свикал, „сега ќе научиш што е тоа да те обземе страв, затоа што ќе мора да умреш.“ „Не брзај,“ одговорило момчето, „ако треба да умрам, тогаш и јас ќе мора да си имам работа со тоа.“ „Веќе те имам,“ рекол лошиот дух. „Полека, полека, не се фали многу; колку што си ти силен толку сум и јас, а сигурно сум и посилен.“ „ Да видиме,“ рекол старецот, „ако си посилен од мене, тогаш ќе те пуштам да си одиш, ајде да се обидеме.“ Потоа го одвел низ темни ходници до еден оган каде се ковало железо, зел една секира и со еден удар ја удрил и забил наковалната во земјата. „Јас тоа го можам подобро,“ рекло момчето и отишло до другата наковална. Старецот застанал веднаш покрај него и сакал да гледа што ќе направи момчето, и како што стоел, белата брада му висела до земјата. Момчето ја зело секирата, ја расцепило наковалната со еден удар и ја приклештил брадата на старецот во процепот притискајќи со секирата. „Сега те имам,“ рекло момчето, „сега ти си на ред да умреш.“ Потоа зело една железна шипка и удирало по старецот се` додека старецот не почнал да цимоли и моли, дека ако момчето престанело со мачењето, ќе му дадел големи богатства. Тогаш момчето ја извлекло секирата и го ослободило старецот кој потоа повторно го однел момчето назад во замокот и во подрумот му покажал три ковчези полни со злато. „Од сето тоа,“ рекол, „еден дел им припаѓа на сиромасите, другиот дел на кралот, а третиот дел е твој.“ Кога отчукало дванаесет часот и кога духот исчезнал, момчето останало само во црната темница. „Можам да се снајдам,“ рекло, почнало да тапка наоколу, го пронашло патот до неговата соба и заспало покрај неговиот оган. Следното утро дошол кралот и рекол: „Па, научи ли што е страв?“ „Не,“ одговорило момчето, „но, што е тоа, навистина? Мојот мртов роднина беше тука, а дојде и еден брадест човек. Тој ми покажа таму долу многу пари, но што е страв, се уште не сум разбрал.“ Тогаш кралот рекол: “Ти го спаси замокот од клетвата и ќе ја добиеш мојата ќерка за жена.“ “Тоа е во ред,“ одговорило момчето, “но јас се уште не знам што е страв.“

Потоа се донело златото од подрумот и била направена свадба, но младиот принц, и покрај тоа што толку многу си ја сакал својата невеста и колку многу бил задоволен, сепак се` уште велел: „Кога само би се исплашил! Кога само би се исплашил!“ А тоа најпосле ги изнервирало сите. Слугинката на принцезата рекла: „Јас ќе помогнам да научи што е страв.“ Отишла надвор до потокот кој течел низ градината и наполнила полна кофа вода со мали рипчиња кои живееле во потокот. Ноќта, кога младиот принц спиел, принцезата морала да му ја тргне покривката и врз него да ја истури полната кофа така што околу него по сиот кревет претале многуте мали рипчиња. Во тој миг принцот се разбудил и извикал: „Ах, колку се исплашив, колку се исплашив, мила моја жено, сега знам што е тоа да се намовнеш од страв.“ 

Други преводи може да се најдат на следниот линк:
http://www.grimmstories.com/de/grimm_maerchen/marchen_von_einem_der_auszog_das_furchten_zu_lernen

Diese Webseite wurde kostenlos mit Homepage-Baukasten.de erstellt. Willst du auch eine eigene Webseite?
Gratis anmelden