Бајки -Грим
Grimms Märchen / Grimm's Fairytales

Насипаниот гроб - Грим



Име на оригиналот : Der Grabhügel

Еден ден
, еден богат селанец си седеше во својот дворец и гледаше кон полињата и градините: пченицата растеше моќно, а дрвјата со овошки беа свиени од многуте плодови. Житото од претходната година се` уште стоеше во голем куп на подот, така што гредите едвај можеа да го крепат. Тогаш замина во шталата, а таму стоеја угоените волови, дебелите крави и мазните коњи. Најпосле, се врати во неговата соба и погледна кон железните кутии каде ги чуваше своите пари. Како што си стоеше така и си го гледаше своето богатство, одеднаш нешто силно затропа. Но не тропаше на вратата од неговата соба, туку на вратата на неговото срце. Таа се отвори и тој чу еден глас кој му рече: “Си направил ли нешто добро за твоите со ова? Си ја видел ли бедата на сиромасите? Си го поделил ли својот леб со гладните? Ти беше ли доволно тоа што го имаш, или, пак, си барал повеќе?“ Неговото срце не одолговлекуваше да одговори: „бев крут и безмилосен и никогаш не бев добар кон моите. Кога ќе дојдеше некој сиромав човек, јас ги свртував моите очи од него. Воопшто не се грижев за Бога, туку постојано мислев на зголемувањето на моето богатство. Да беше мое сето ова што го покрива ова големо небо, пак немаше да ми биде доволно.“ Кога го слушна овој одговор, богатиот селанец многу се исплаши: колената почнаа да му се тресат и мораше да седне. Тогаш повторно нешто затропа, но овојпат тоа беше на вратата на неговата соба. Тоа беше еден сиромав човек кој дома имаше купче дечиња кои не можеше да ги прехрани. „Знам“, си помисли сиромавиот, „ мојот сосед е богат, но исто толку и суров: не верувам дека ќе ми помогне, но моите деца плачат за леб, затоа ќе се осмелам.“ Сиромавиот му рече на богатиот: „Не давате лесно нешто од она што е Ваше, но стојам како давеник кому водата му доаѓа до главата: моите деца гладуваат, позајмете ми четири мери пченица.“ Богатиот го гледаше долго време и во тој момент првиот сончев зрак на благоста започна да го топи мразот на лакомоста и истопи од неа една капка. „Четири мери нема да ти позјамам“, одговори тој, „туку ќе ти подарам осум, но мора да ми исполниш еден услов.“ “Што треба да направам?“, праша сиромавиот. „Кога ќе умрам, три ноќи да бдееш крај мојот гроб.“ Кога го слушна условот, сиромавиот се потресе, но во бедата во која се наоѓаше, можеше да се согласи со се`: значи се согласи и ја однесе пченицата дома.

Но испадна како богатиот да претскажа што ќе се случи и по три дена одненадеж падна мртов на земјата; не се знаеше што навистина се случи, но никој не жалеше по него. Кога го погребаа, сиромавиот се сети на она што го беше ветил: тој повеќе сакаше да не е обврзан да го прави тоа, но си помисли: ’човекот се покажа благ кон тебе, со неговата пченица си ги нахрани гладните деца, а и да не беше така, кога си дал ветување, треба да го одржиш.’ Кога почна да настапува ноќта, отиде кај црковните гробишта и седна на гробот. Се` беше тивко, единствено месечината го осветлуваше гробот, а понекогаш ќе прелеташе некој був и ќе пуштеше од неговите тажни крици. Кога сонцето изгреа, сиромавиот се упати кон својот дом без да му недостига нешто, а и втората ноќ помина исто така мирно. Во вечерта од третиот ден осети некаков поинаков страв, му се чинеше дека ќе се случи нешто подруго од претходните вечери. Кога излезе, крај ѕидот на црковните гробишта здогледа еден човек кого никогаш  до сега не го видел. Човекот не беше млад, имаше лузни на лицето, а со очите фрлаше огнени и остри погледи на околу. Сиот беше покриен со еден стар мантил, можеа да се видат само големите јавачки чизми. „Што барате овде?“, му се обрати селанецот, „не Ве фаќа ли страв овде, на овие осамени гробишта?“, “Не барам ништо“, одговори тој, „и не се плашам од ништо. Јас сум како момчето кое сакаше да научи како да се плаши и кое залудно се трудеше, но кое ја доби за жена царската ќерка, а со неа и големи богатства, а сепак секогаш останав сиромав. Јас не сум ништо друго од само војник кој ја откажал службата и би сакал овде да ја минам ноќта бидејќи немам друг покрив над главата.“ „Ако не се плашите“, рече селанецот, „тогаш останете со мене и помогнете ми да го пречувам оној гроб таму.“ „Да се чува стража е работа на војниците“, одговори војникот, „се` што може да не сретне овде, добро или зло, заедно ќе го поднесеме.“ Селанецот се согласи, и заедно седнаа на гробот.

Се` беше тивко до полноќ, кога одеднаш се чу отсечно свиркање и двајцата кои стражареа крај гробот го видоа Лукавиот кој стоеше во тело пред нив. „Заминувајте вие подлеци“, им довика, „тој кој лежи во гробот е мој: јас ќе го земам, а вие, ако не си заминете, ќе ви ги свиткам вратовите!“ “Господине со црвени перја,“ му рече војникот, “Вие не сте мој капетан и затоа нема потреба да Ве слушам Вас, а и јас се уште не сум се научил да се плашам. Одете си по Вашиот пат, а ние ќе останеме да седиме овде.“ Ѓаволот си помисли: “со злато најлесно ќе ги добиеш овие двајца бедници.“ Почна пољубезно да се однесува кон нив и ги праша дали можеби сакаат да примат ќесе со злато, да го земат и да си заминат со него дома. „Ова вреди да се чуе,“ одговори војникот, „но немаме некаква корист од едно ќесе полно со злато: ако сакате да дадете онолку злато колку што може да собере во една од моите чизми, тогаш и ние ќе сакаме да го напуштиме местово и да заминеме. “ „Кај себе немам толку, “ рече ѓаволот, “но ќе донесам: во соседниот град живее еден човек кој разменува пари, а е мој пријател, тој со задоволство ќе ми позајми толку многу.“ Кога ѓаволот исчезна, војникот ја симна својата лева чизма и рече: „ајде малку да му го истегнеме носот на овој темен ќумурџија: куме, дадете ми го Вашиот нож.“ Го отсече ѓонот од чизмата и ја постави покрај купот земја во високата трева на ивицата од една полуобрасната дупка. „Ете, вака е добро, “ рече, “сега може да дојде оној наш оџачар.“   

Двајцата седеа и чекаа, а не помина долго кога пристигна ѓаволот со една вреќичка злато во раката. „Истури ја внатре“, рече војникот и ја поткрена малку чизмата, “но нема да биде доволно“. Црниот ѓавол ја испразни вреќичката, златото падна низ неа и чизмата остана празна. „Глупав ѓаволу,“ извика војникот, „не е убаво така: нели реков? Ајде вратете се и донесете уште. Ѓаволот ја затресе главата, замина и по еден час дојде носејќи една поголема вреќа под раката. „Па, чизмата се полни, “извика војникот, „но не верувам дека ќе се наполни .“ Како што паѓаше – златото тропкаше, а чизмата остануваше празна. Ѓаволот сам погледна со неговите вжарени очи во чизмата и се увери во вистината. „Имате премногу силни мускули на нозете, “ рече и ја искриви устата. “Мислите ли, “одговори војникот, “дека имам коњско стапало како Вас? Од кога сте така скржав? Направете нешто, па да донесете уште злато, инаку од договорот нема да биде ништо.“ Тракатанецот неволно замина  уште еднаш. Овојпат остана подолго, а кога конечно повторно се појави, се задишуваше под товарот на една вреќа која ја носеше на своите плеќи. Ја истури во чизмата која се полнеше колку и претходно. Се разбесна и сакаше да ја оттргне чизмата од рацете на војникот, но во тој момент се проби првиот зрак од сонцето кое почна да изгрева на небото и лошиот дух побегна испуштајќи  гласни врисоци. Душата на кутриот починат беше спасена.  

Селанецот сакаше златото да се подели, но војникот рече:„дај им го на сиромасите она што ми припаѓа мене: јас ќе се доселам кај тебе, во твојата колипка, а со преостанатото ќе живееме заедно во мир и спокој, се` додека му е така мило на Бога.“

***КРАЈ***

Преводи на други јазици може да најдете овде:  http://www.grimmstories.com/de/grimm_maerchen/der_grabhuegel

Diese Webseite wurde kostenlos mit Homepage-Baukasten.de erstellt. Willst du auch eine eigene Webseite?
Gratis anmelden